КАЈ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЛАНИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ПРЕТСТАВКИ ЗА СУДСКИ ОДЛУКИ, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА 2018

    КАЈ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЛАНИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ПРЕТСТАВКИ ЗА СУДСКИ ОДЛУКИ, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА 2018Минатата година канцеларијата на Народниот правобранител постапила по 4.482 преставки од областа на правосудството, работни односи, работата на казнено-поправните установи, потрошувачките права, заштита на право при полициско овластување, како и од имотно-правна област.-Заменик-Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа (Фото: К.Попов)

    Граѓаните најголема недоверба имаат во судската власт, покажува извештајот на Народниот правобранител за почитување на човековите права и слободи за 2018. Минатата година, канцеларијата на Народниот правобранител постапила по 4.482 преставки од областа на правосудството, работни односи, работата на казнено-поправните  установи, потрошувачките права, заштита на право при полициско овластување, како и од имотно-правна област.

    „Бројот на преставки во врска со правосудство е двојно зголемен. Долгото траење на постапките е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е бројот на претставки со незадоволство од судските одлуки за кои граѓаните сметаат дека се донесени пристрасно, селективно и под притисок и политичка мотивација.  Нема позитивна промена ниту во ефикасноста на Јавното обвинителство, особено што се евидентирани случаи кривичната пријава да биде отфрлена поради застареност, што упатува на пасивно и неефикасно преземање дејствија. Голем број претставки имаме и во постапките пред извршители, каде нотирани се случаи кога за долгови стари со децении на штета на граѓаните се наплатува многукратно повеќе пари“, рече заменик-Народниот  правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната презентација на извештајот за почитување на човековите права и слободи за 2018.

    За околу 60 отсто е зголемен бројот на претставки до Омбудсманот во врска со правата за работен однос. Во оваа област е констатирано дека продолжува праксата на партиски вработувања.

    Омбудсманот вели дека состојбите се алармантни во повеќе области во однос на правата на детето.

    „Насилството меѓу учениците е во подем, а училиштата не успеваат ефикасно да се справат со оваа појава, при што загрижува тоа што некои училишпта на насилното однесување на децата гледаат како на детска игра… Алармантен е и податокот за голем број абортуси и раѓања од страна на деца, кои најчесто забременуваат во вонбрачна заедница“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    Извештајот покажува дека граѓаните сѐ уште долго чекаат за остварување на нивното право за социјална помош, дискриминирани се на работното место, а и понатаму се појавуваат случаи на проблеми со денационализација и процесот на приватизација на дворните места.

    „Нема позначителни промени во условите за сместување во затворите, ниту во однос на здравствената заштита, исхраната и хигиенските услови. Зголемување бележи и бројот на претставки од областа на полициските овластувања. Во оваа област продолжува појава на незаконско, непрофесионално и некоректно однесување на одредени полициски службеници, за што поднесовме три барања за утврдување на казнена одговорност“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира