Собранието денеска изгласа во трето читање седум од законите што претседателот Ѓорге Иванов одби да ги потпише. Меѓу нив е и Законот за оперативно-техничка агенција, еден од реформските закони со кој треба да се спречат идни злоупотреби со прислушувањето. Сите овие закони беа усвоени без дебата на денешната 94. седница
Изгласани беа и законите за електронски комуникации, данокот на додадена вредност, изменување и дополнување на законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории, слободен пристап до информации од јавен карактер и за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Согласно Уставот, ако Собранието повторно разгледува закон и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници претседателот е обврзан да го потпише указот, но, како што беше случај со Законот за употреба на јазиците, Иванов и повторното усвојување на законот одби да се потпише, па во „Службен весник“ беше објавен само со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери.
Иванов не потпишува закони со образложение дека дал заклетва да го штити Уставот и дека ќе ги брани интересите на Република Македонија. Тој не ги потпишува законите од 11 јануари, кога во Собранието беа усвоени уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија. Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај, а претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.