Тереза Меј најави дека ќе поднесе оставка од премиерската функција доколку нејзината Конзервативна партија го поддржи планот за излегување на Велика Британија од Европска Унија.
„Подготвена сум да ја напуштам функцијата порано од планираното, со цел да го направиме она што е исправно за нашата земја и за нашата партија“, рекла Меј на состанокот со повеќе од 300 конзервативни пратеници.
Ова уследи неколку дена откако парламентот ја презеде контролата врз процесот на спроведување на брегзит и сега треба да пронајде алтернативи за договорот.
„Мора да направиме договор и да го спроведеме брегзит. Барам од сите во оваа соба да го поддржат договорот, за да можеме да ја исполниме нашата историска должност, а тоа е да ја спроведеме волјата на британскиот народ“, кажала Меј.
Британскиот парламент веќе двапати со големо мнозинство гласови го одби планот на Меј за брегзит и таа планира уште еднаш да го стави на гласање оваа недела.