„Идентитети што не смеат да се пропуштат“ е темата на годинашното јубилејно 15. издание на Танц фест Скопје, во организација на Културниот центар „Интерарт“. Уметничката директорка Рисима Рисимкин вели дека годинешнава програма е посветена на младите, современите танчери и нови кореографски имиња од нашава земја, со цел „општеството да го препознае идентитетот кој го создадовме, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас“.
Фестивалот почнува на 4 април со претставата „Идентитети“ на Скопје танцовиот театар и со доделување на наградата Менада за врвни остварувања во областа на танцот на кинеската кореографка и танчaрка Зао Шји, уметничка директорка на Интернационалниот фестивал „Њу“ од Пекинг, Кина.
„Шји е дел од извонредната генерација на современи кинески уметници од областа на танцот.
Во 2014 година го основа фестивалот ‘Њу’, каде како уметнички директор таа создава програми во кои претставува реномирани танцови компании на светско ниво. Во изминатите изданија на фестивалот, таа претставува преку 100 интернационални уметници и е домаќин на преку 10.000 учесници во програмите и публика која ги следи истите. Фестивалот има посебна посветеност во претставување на земјите од источна Европа и е еден од највлијателните фестивали за современ танц во Кина“, вели Рисимкин.
За време на Танц фест Скопје ќе се одржи Интернационалниот натпревар за млади кореографи Танцлаб, ќе настапат Кодартс од Ротердам, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип како дел од Скопје танцовиот театар, фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци-минато,
сегашност, иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина. На фестивалот за првпат ќе биде доделена и наградата Менада за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.
Фестивалот годинава, вели Рисимкин, сѐ уште не ја доби вистинската поддршка за одбележување на јубилејното издание, но се одржува со поддршка на Министерството за култура, Град Скопје, Холандската амбасада и Францускиот институт во Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА