Со 15-минутно доцнење, премиерот на Грција Алексис Ципрас со владина и бизнис делегација стигна во прва историска посета на грчки премиер на Северна Македонија. Тој беше пречекан од премиерот Зоран Заев и членови на Владата, без гардата на АРМ и без химните на двете држави.
Заев срдечно го пречека Ципрас долу кај соголените столбови од поранешната ограда на Владата и тоа наиде на гласна реакција кај бројните грчки и македонски новинари затоа што не можеа да снимат историската фотографија од прегрнувањето на двајцата премиери на наше тло. Веднаш потоа, уште пред да се поздрават со министрите од Владата, построени кај црвениот килим, двајцата премиери се тргнаа настрана и се упатија кон новинарите.
На нивно изненадување, тие повторно се поздравија, надоместувајќи им медиумите за пропуштената фотографија. Потоа направија селфи со министрите, потоа самите двајца и со новинарите.
На големо изненадувaње и пријатни реакции од медиумите, двајцата уште еднаш дојдоа да се сликаат откако се поздравија со министрите од двете влади. Неколку минути пред да стигне Ципрас, пристигнаа пет комбиња со грчката делегација.
Со Ципрас, дојде и неговата партнерка Перистера Бети Базијана, која ќе го помине денот со сопругата со Зорица Заева, сопругата на премиерот.
Околу владата има големо полициско обезбедување, улиците се затворени.
С. К. ДЕЛЕВСКА