ГРЧКОТО ВОЕНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО ЌЕ ГО ЧУВА И НАШЕТО НЕБО, ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ И ЦИПРАС

    ГРЧКОТО ВОЕНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО ЌЕ ГО ЧУВА И НАШЕТО НЕБО, ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ И ЦИПРАСЗаев рече дека e убеден и да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, таа нема да биде против НАТО, нема да се откаже од преговорите со ЕУ и нема да работи против доброто на својот народ. Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нашите две министерства за одбрана потпишаа меморандум за соработка со кој Грција ќе врши надзор на безбедноста на воздушниот простор над Северна Македонија, кажа грчкиот премиер Алексис Ципрас по тричасовната средба со македонскиот колега Зоран Заев денеска во Владата.

    Тој прецизираше дека министерствата за одбрана, според меморандумот, договориле соработка со која Грција ќе ја помага земјава во одбранбените способности на армијата, потоа во обуката, одбранбената индустрија, сајбер одбраната и во военото разузнавање, а на новинарско прашање дали тоа Грција ќе го прави бесплатно, тој одговори: „Знаете ли што е надоместот за нас, тоа е стабилноста во нашиот регион. Ние сакаме сосед кој е политички стабилен и политички просперитетен. Само тогаш ќе се чувствуваме безбедни. Грција има врвни вештини и знаења во авијацијата, најразвиени во Источна Европа. Ние ќе ја поддржиме РСМ во напорите да генерира стабилност и безбедност“.

    Тој додаде дека денеска е договорена и соработка и во цивилното воздухопловство, со надзор преку радарот во Солун.

    „Ова е заради сузбивање на незаконските дејствија и заради избегнување авионски несреќи. Но, и таа глупост грчките пилоти кога ја прелетуваат Северна Македонија да го заобиколуваат небото над неа мора еднаш да престане“, рече Ципрас.

    На дополнително прашање, ако победи грчката опозиција или опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе ги поништи овие договори и меморандуми за надзорот на македонското небо, но и Преспанскиот договор воопшто, Ципрас и Заев одговорија дека прво, имаат намера да победат на следните избори во своите држави и второ, и да не се случи тоа никој нема право да го преиспитува овој договор оти не постои договор кој носи просперитет за граѓаните на две земји во историјата и политичката пракса да бил поништен. Заев рече и дека напротив, тој е убеден дека и да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, таа нема да биде против НАТО, нема да се откаже од преговорите со ЕУ и нема да работи против доброто на својот народ.

    „Лидерот на опозицијата во Грција, колку и да се противи на Преспанскиот договор, се согласи и вети дека нема во иднина да поставува прашања во врска со него. Јас не можам да ви се мешам внатре во вашите внатрешно-политички односи, но верувам дека истото ќе се случи и кај вас. Договорите се обврзувачки за владите, освен ако народот не одлучи поинаку“, е ставот на грчкиот премиер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира