Тереза Меј побара од Европската Унија да одобри одложување на брегзит до 30 јуни.
Во сегашните услови, Велика Британија треба да излезе од ЕУ на 12 април, но британските пратеници досега немаат прифатено ниту еден план за повлекување. Меј предложи дека ако во меѓувреме биде усвоен план, Британија ќе излезе од ЕУ пред одржувањето на европските избори на 23 мај, додавајќи дека, сепак, ќе имаат подготвено кандидати.
Во исто време, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјавил дека ќе предложи 12-месечно флексибилно продолжување на брегзит, со можност тој да се спроведе веднаш откако британскиот парламент ќе го ратификува договорот. Сепак, овој предлог наредната недела ќе треба да го поддржат сите лидери на ЕУ.
Британскиот парламент досега трипати го одби планот за брегзит на Меј, па Велика Британија сега е во опасноста да излезе од ЕУ на 12 април без договор. Британија до тогаш мора да се изјасни дали ќе учествува на изборите за Европскиот парламент.