Вкупно 100 години затвор добија четворицата организатори на убиството на српскиот новинар Славко Ќурувија, откако денеска беа прогласени за виновни во Специјалниот суд во Белград.
Некогашните шефови на Државна безбедност (ДБ) Радомир Марковиќ и Милан Радоњиќ се осудени на по 30 години затвор, додека тогашните оперативци на ДБ Мирослав Курак и Ратко Ромиќ добија по 20 години.
Од пресудата се дознава дека останува непознато кој пукал во Ќурувија, а четворицата осудени, од кои Курак е во бегство, го подготвиле теренот за ликвидацијата. Марковиќ веќе отслужува затворска казна од 40 години за четирикратното убиство на Ибарска магистрала во 1999 година.
Убиството на Славко Ќурувија, што се случи на 11 април 1999 за време на НАТО-бомбардирањето на Србија, стана симбол на бруталноста на режимот на Слободан Милошевиќ. Остана неоткриено кој го наредил убиството.