В. д. директорката на новото јавно претпријатие за улични кучиња Тина Петрушевска побарала од Агенцијата за храна и ветеринарство да се направи контрола на стационарот „Вардариште“. Контролата била побарана и направена за да се види какви се условите на стационарот и што треба да се направи за да подобрат условите.
„Заедно со градоначалникот Петре Шилегов откако беше донесена одлуката за формирање на ЈП ’Лајка‘ побаравме да се направи контрола оти условите не беа ни малку добри. Таму со години ништо не се работело и се толерирала ваква состојба. За да почнеме со проектот за реновирање моравме да знаеме што наследуваме. Наодите од Агенцијата за храна и ветеринарство не нè изненадија“, вели Петрушевска.
Таа вели дека веднаш по добиените резултати почнале со дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и оградување на дворот на стационарот.
„Сите кучиња кои беа во ’Вардариште‘ се вдомени. Наскоро ќе почнеме со реконструкција на објектот, со што комплетно ќе се смени сликата за него“, додава Петрушевска.
Во саботата од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека стационарот за бездомни животни „Вардариште“ е затворен поради појава на заразни болести и пропусти во работењето. На сила е забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата.
При контролата било констатирано дека дел од заловените животни се со нарушено здравје и присуство на болести. Спротивно на законските одредби, со контролата е утврдено дека тие во прифатилиштето се сместени во исти простории со здравите животни, бидејќи не постои посебна просторија–карантин наменета за лечење на болните и за опоравување на животните кај кои се извршени хируршки интервенции. Не работела и комората за одлагање на угинатите животни, а пред ламелите на кафезите не биле поставени листите за хигиена со информации за тоа кога е извршено чистење и со кои средства се спроведени мерките за дезинфекција, дератизација и дезинсекција.
При контролата на стационарот во дворот биле затекнати кучиња излезени од кафезите и животни кои во стационарот влегле однадвор преку оштетената ограда. Со контролата утврдено било и дека не е воспотавена ниту целосна контрола на влезот и излезот во прифатилиштето, а дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена.
А. АНТЕВСКА