Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вели дека од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски добил осигурувања дека опозицијата ќе игра активна и конструктивна улога во претседателските избори, во интервју за државната агенција МИА. Хан беше прашан да ги искоментира гласините дека опозицијата би можела да го бојкотира вториот круг на претседателските избори.
„Бојкотот не е знак на демократска зрелост. Европската перспектива на Северна Македонија треба да се гледа како национална, стратешка цел на сите политички сили која бара активна и конструктивна заложба од сите политички партии и граѓанското општество. Во овој дел, добив уверувања од лидерот на опозицијата дека тие ќе играат активна и конструктивна улога во претседателските избори и немам причина да се сомневам во тоа“, одговори Хан.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го бојкотираше референдумот за името на 30 септември минатата година.