Поранешниот фудбалер на Барселона и шпанската репрезентација Чави Ернандес ќе го додели шампионскиот пехар на победникот во утрешното финале на Европското првенство во Франција.
Чави беше дел од шпанската репрезентација што триумфираше на претходните две европски првенства и УЕФА го задолжи да го предаде трофејот на „Стад де Франс“ во Париз на еден од капитените по дуелот на финалистите Португалија и Франција.
Тоа значи дека Чави ќе го додели пехарот на Французинот Иго Лорис или на Португалецот Кристијано Роналдо, кој настапува за Реал Мадрид, најголемиот ривал на Барселона, кадешто Чави помина речиси 25 години и многу пати играше против португалската ѕвезда.
36-годишникот се повлече од шпанската репрезентација во 2014 година по 133 настапи, две европски и една светска титула. Од Барселона си замина минатата година и оттогаш настапува за катарскиот тим Ал Сад.