Српскиот министер за одбрана Александар Вулин и заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ најавија дека од утре во 5 до 12 ќе штрајкуваат со глад, а ќе им се приклучат околу 30-тина пратеници на владејачката СНС, предводени од координаторот на пратеничката група Александар Мартиновиќ.
Тие велат дека одлуката за штрајк со глад ја донеле поради насилството што врз Србија го вршат лидерите на опозицијата Бошко Обрадовиќ, Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ, кои секој викенд ги предводат протестите насловени „1 од 5 милиони“.
Весиќ кажа дека штрајкот со глад е единствен разумен и цивилизиран начин да им се спротивстави на хулиганизмот и насилството кои опозициските лидери го спроведуваат во Белград.
„Не гледам друг начин да се спротивставиме на хулиганизмот на опозицијата, која го уништува имотот на граѓаните на Белград и ги брка инвеститорите од нашиот град, освен да почнеме штрајк со глад“, изјави Весиќ за „Танјуг“.
Од пратеничката група на СНС велат дека се приклучуваат на штрајкот со глад, бидејќи „опозицијата постојано блокира улици, различни институции и тоа веќе нема смисла“.