Со премиерата на „Втора шанса“, првиот долгометражен игран филм на режисерката Марија Џиџева, на 17 април во 20 часот во киното Милениум ќе почне 22. Скопје филм фестивал (СФФ). Филмот е македонско-српска копродукција на „Смол мувс филмс“ и „Биберче продукција“, снимен според сценариото на Огнен Георгиевски. Филмот е современа драма, а играат: Мирјана Карановиќ, Даниела Ивановска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула, Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески.
„Втора шанса ги испреплетува приказните за три жени кои живеат во ист станбен комплекс за да создаде калеидоскопско набљудување на уникатното искуство на мајчинството, како и на самопожртвуваноста на носењето нов живот во овој свет. Секоја од овие жени се обидува да ја пронајде смислата на своето постоење, за време на апсурдното и бесмислено време кога Македонија е на граница на граѓанска војна во 2001, и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост“, велат од СФФ.
Директорката на СФФ Татјана Јаневска вели дека се горди што за 22 години, ова е првпат фестивалот да се отвара со филм на режисерка. Вкупно ќе се прикажат 58 играни, кратки, документарни филмови, а ќе има и работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии.
Филмовите се распоредени во 11 програми, меѓу кои се: Гала програма, Посебни проекции, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Денови на Квир кино, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Кратки филмови, Документарни филмови и Омаж на Мето Јовановски.
Во Гала програмата, ќе се прикажат: „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур, новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе Пепе Мухика, како и „Тврдина“ на Игор Зајцев, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи, „Три лица“.
Во програмата Фокус на францускот филм, чиј селектор е Навид Сарем, ќе игра новиот филм на Гаспар Ное, „Климакс“, во програмата Европски филм ќе има шест филмови, а во Кратки филмови, селекторот Алексеј Дмитров избрал 16 наслови. Селектор на Денови на Квир кино, која за првпат се прикажа лани, е Александар Ковачевски.
Во Македонска продукција се најавени три нови краткометражни филмови на режисерите Сезер Салихи, Ана Јакимска и Антонио Велјановски. Ретроспективата во чест на Мето Јовановски свечено ќе започне на 18 април во Кинотеката со филмот „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Како дел од оваа програма ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991), и „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.
Б. НЕСТОРОСКА