По успешнoто спроведување на програмите за практикантство со четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Алкалоид АД Скопје“ ја прошири соработката и на средните училишта. Во првиот циклус од програмата насловена „Серијална практична обука“, компанијата денеска потпиша меморандуми за соработка со средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и средното хемиско училиште „Марија Кири-Склодовска“.
„Во насока на нашите заложби за корпоративна општествена одговорност, а поттикнати од успешните примери на практикантство со академските инстанци, при што добивме сериозни индикатори за тоа како активниот ангажман на млади, талентирани и амбициозни студенти може да се искористи во полн капацитет и притоа да се има заемна корист, одлучивме да ги отвориме вратите за практична соработка и со средните училишта поврзани со нашите бранши. Се надевам дека новите генерации миленијалци ќе ја искористат шансата за надградување на нивните знаења и за стекнување нови практични вештини во рамките на реални процеси“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“.
Овој проект е верифициран од Стопанска комора на Македонија и поддржан од управата на Град Скопје
Првиот циклус од програмите за практикантство почна во април 2018 и потоа 11 од вкупно 17 ангажирани практиканти останаа да работат за „Алкалоид“. За својот практичен ангажман, средношколците ќе добијат симболичен паричен надомест од компанијата, а првата група од околу 15 практиканти се очекува да почне со обуката кон средината на јуни.