Се запали депонијата “Вардариште” во Скопје, но пожарот е под контрола велат од Бригадата за противпожарна заштита. Стационарот за бездомни кучиња кој се наоѓа во близина не е загрозен. Се чувствува смрдеа во населбите од општина Аеродром кои се близу депонијата.
Пожарот на депонијата каде ЈП „Комунална хигиена“ носи кабаст отпад кој го собира низ градот избувнал околу 18 часот.
“Интервенираме со три возила и 9 пожарникари, плус и цистерни на Комунална хигиена. Пожарот беше голем, но успеавме брзо да го локализираме оти избувна на едно место. Ќе интервенираме цела ноќ“, вели командантот на скопската Противпожарна бригада Владимир Симоновски.
Пред три недели во Скопје беше запалена и дивата депонија кај Спортрскиот центар „Борис Трајковски“ во скопската општина Карпош.
А. АНТЕВСКА