ПОСЕБНОТО УЧИЛИШТЕ ВО НОВО СЕЛО ЗАТВОРЕНО НА 15 ДЕНА ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈА НА ЖОЛТИЦА

    ПОСЕБНОТО УЧИЛИШТЕ ВО НОВО СЕЛО ЗАТВОРЕНО НА 15 ДЕНА ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈА НА ЖОЛТИЦАБројот на заболени во училиштето се зголеми на 11 (Фото: СДК.МК)

    Центарот за јавно здравје во Струмица го затвори ПОУ „Климент Охридски“ во Ново Село, бидејќи деновиве таму се откриени нови девет случаи на заразна жолтица, со што бројката на заболени се зголеми на 11. Во ова училиште, каде се сместени и настава следаат околу 50 деца со попреченост, здравствените работници прогласија епидемија поради што е донесена одлука во наредните 15 дена тоа да биде затворено.

    „Првиот случај на вирусот хепатит А е откриен минатиот месец, а вториот се појави на почетокот на април. Беа дадени инструкции за зголемена дезинфекција и упатства како да се зголеми хигиената, бидејќи станува збор за деца кои тешко примаат укажувања, но минатата недела се појавија нови девет случаи, од кои и кај една воспитувачка. Донесовме одлука да се затвори училиштето за да не се прошири ова пренослива болест“, изјави Силвана Петковска, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Струмица.

    Состојбата ќе се следи во наредниот период и доколку не се појават нови случаи, можно е училиштето да биде отворено после 6 мај, велат од Центарот за јавно здравје бидејќи инкубациониот период на овој вирус трае минимум 15 дена. На инфективното одделение во моментов се хоспитализирани четири деца.

    „Станува збор главно за деца на возраст од осум до 12 години. Сите дојдоа со болки и мачнина во стомакот, намален апетит и со пожолтено лице. Децата се во добра здравствена состојба“, вели Лилјана Манинска од инфективното одделение при струмичката болница.

    Здравствените работници уверуваат дека состојбата не е алармантна и издадени се мерки за зголемена дезинфекција на сите работни површини и инвентарот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира