Британскиот актер Ијан Мекелен го прослави 80. роденден со специјална, бесплатна претстава за 80-годишници. Тој одигра соло претстава во Кралскиот театар во Норич, на којашто во публика биле 80 луѓе со точно 80 години и нивни гости. Настапот вклучи анегдоти и говори на познати ликови што Мекелен ги има играно во својата кариера, како Гандалф од трилогијата „Господар на прстените“.
Легендарниот британски актер, кој вчера наполни 80 години, реши да го одбележи јубилејниот роденден со серија претстави низ Велика Британија, а на репертоарот се Толкин, Шекспир и други автори.
„Кралскиот театар во Норич ми предложи вакво шоу и мислам дека тоа беше прекрасна идеја“, кажа Мекелен.
Целиот приход од турнејата ќе биде дониран на мали театарски сцени низ Британија и досега се собрани 800.000 фунти.