Седум бебиња лемури доби скопската Зоолошка градина за два месеци. Сега лемурите се најбројните жители во градината. Заедно со бебињата во нивното живеалиште има 32 лемури.
Бебињата лемури од пред неколку дена полека почнаа да се одвојуваат од мајките и да скокаат и играат низ живеалиштето. Но, сѐ уште кај нив може да влезе само нивниот Зоо неговател Александра Спасовска бидејќи мајките ги штитат малечките и се вознемируваат доколку некој друг ги посети.
„Мене и мојата колешка што ги храниме и им го чистиме живеалиштето со години, нѐ знаат и затоа само нас ни дозволуваат да влеземе. Во други случаи односно кога немаат бебиња си играат со секој кој ќе влезе кај нив. Јас бев присутна и на раѓањето на бабињата. Тие уште се на мајчино млеко, но се љубопитни, додека ги храниме мајките и тие сакаат да пробаат од храната“, вели Александра.
Од минатата недела посетителите на Зоолошката градина можат да го видат и бебето гибон, кое со мајката Бетка излегоа надвор од затвореното живеалиште.
„Бебето гибон се роди во ноември, но уште не знаеме дали е машко или женско оти до деветиот месец не се дели од мајката. Затоа уште не сме му дале име“, вели Александра.
Зоо негователите апелираат до посетителите да не им даваат храна на лемурите и останатите животни во градината бидејќи имаа посебен режим на исхрана според нутритивна програма. Дел од храната која посетителите им ја даваат е опасна за нив. Затоа сите кои ќе бидат затекнати како ги хранат животните ќе бидат избркани од градината.
А. АНТЕВСКА