Маж бил натепан во Хонгконг откако пред киното во коешто се прикажувал „Одмаздници: завршница“ на цел глас откривал спојлери од филмот.
Цитирајќи локални медиуми, сајтот „Дедлајн“ објави дека тој на фановите кои чекале во ред им откривал важни делови од дејството на филмот, пред да биде нападнат, по што бил оставен на улица претепан и раскрвавен. Фотографија која се прошири на интернет покажува маж се крвава глава како чека лекарска помош.
Режисерите на филмот, браќата Русо, претходно упатија апел до фановите да не им го расипуваат уживањето на останатите со откривање на спојлери. Ова досега главно беше почитувано од медиумите и фановите на социјалните мрежи.
„Одмаздници: завршница“ во четвртокот почна да се прикажува низ цел свет и се очекува да ги собори сите рекорди во поглед на заработката.