Двајца италијански експерти се подготвуваат да направат ДНК тест на прамен од коса за кој тие велат дека можеби е на Леонардо да Винчи.
Праменот бил најден во приватна колекција во САД, и на 2 мај за првпат ќе биде јавно изложен во Музејот Леонардо да Винчи во Винчи (град во Тоскана каде е роден уметникот), во чест на 500-годишнината од неговата смрт.
„Преку Атлантикот најдовме парче коса, означено како ’Косата на Леонардо да Винчи’ и овој исклучителен артефакт ќе ни овозможи да продолжиме со нашето истражување за ДНК-то на Да Винчи“, велат Алесандро Веѕоси, директор на музејот и Ањезе Сабато, претседател на Фондацијата за наследството на Леонардо да Винчи.
Во 2016, Веѕози и Сабато, кои се куратори на изложбата „Леонардо живее“ во музејот, објавија дека наишле на прекината крвна врска од полубратот на Да Винчи, Доменико, до 35 машки потомци кои најчесто живееле во регионот на Тоскана.
„Овој артефакт е тоа што ни е потребно за да го направиме нашето историско истражување поцврсто на научна база. Планираме да ги изнесеме анализите од ДНК тестовите од праменот и да ги споредиме со живите потомци на Да Винчи, како и со коските пронајдени во неговиот гроб“, вели Сабато. Тој додава дека испитувањето на ДНК на Да Винчи исто така ќе ги реши „контроверзните тврдења дека е погребан во Амбоаз, Франција“.
Првичниот гроб на уметникот беше во капелата во Замокот на Амбоаз во Франција, но тој бил уништен за време на Француската револуција. Коските од таму биле префрлени во помала капела на замокот, но до ден денес, научниците се сомневаат дека тоа се неговите останки.