Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје, кои сакаат своите возила да ги користат на 7 мај за време на посетата на папата Фрањо, ќе мора да ги извадат од потегот на „Голем ринг“, бидејќи тој ден на овој простор ќе биде забранет сообраќајот.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека за време на посетата на папата од 6 часот наутро до 19 часот попладне во овој појас ќе биде забранет сообраќајот и пренасочен на булеварите Кочо Рацин, 11 Октомври, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Партизански одреди и на улицата Самоилова.
„Движењето за пешаците не е забрането во овој појас, односно тие ќе може слободно да се движат без оглед дали одат на миса или не. Со себе треба да имаат лична карта заради идентификација и да го планираат времето половина час порано да тргнат таму каде што се упатиле, дали на работа или пак на некое друго место. Апелираме уште еднаш сите граѓани да користат автобуски превоз на ЈСП, кој тој ден ќе биде бесплатен“, рече Бошњаковски.
Тој кажа дека сите граѓани ќе можат да земат бесплатни билети за присуство на мисата, без оглед на нивната вероисповест и тоа може да го направат во католичките парохии и тоа дека ќе може да го направат до 3-ти мај.
„Бесплатни билети ќе може да земат и на плоштад, но ќе стојат во вториот ред веднаш зад поставените столици на плоштадот“, рече Бошњаковски.