АЗБЕСТОТ ОД ВТОРИОТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО ЕКОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ

    АЗБЕСТОТ ОД ВТОРИОТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО ЕКОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛВо ремонтите на трите блока ќе бидат вложени повеќе од 10 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Електро-енергетскиот гигант РЕК „Битола“ започна со ремонтните активности на блоковите предвидени за оваа година. До средината на ноември ќе бидат направени редовни ремонти на Блок 1 и Блок 3, како и капитален ремонт на Блок 2. За ремонтите се предвидени повеќе од 10 милиони евра, а целта е да се обезбедат стабилно производство на електрична енергија, зголемено производство и намалени трошоци.

    При капиталниот ремонт на Блок 2, за првпат откако е изграден, ќе се санира разладната кула, за што се предвидени повеќе од шест милиони евра.

    „Од кулата ќе се отстрани азбестната обвивка и во тек е тендерската постапка за избор на изведувач. Со оваа активност, РЕК уште еднаш потврдува дека сериозно има намера да инвестира во проекти кои значат подобрување на еколошките перформанси. Азбестно-бетонските плочки што ќе се извадат ќе ги има повеќе од 3.000 тони и тие ќе се третираат соодветно Законот за отпад, а на нивно место ќе биде поставена еколошка пластика, која значително ќе го подобри амбиенталниот воздух во околината на РЕК и во околните општини“, рече генералниот директор на РЕК, Васко Ковачевски.

    Замената на азбестот е и една од мерките за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола. Од другите еколошки проекти, во тек е и тендерската постапка за избор на фирма која ќе изврши реконструкција на електростатските филтри во следните три години, за што ќе бидат вложени 20,4 милиони евра.

    „Водиме грижа за животната средина со третман на пепелта и покривање на непокриените површини кои беа остаток од претходното раководство, за што веќе се поднесени и кривични пријави. Овие површини ги намаливме од 35.000 квадратни метри на 3-4.000. Инсталиран е и систем за прскање на пепелта во износ од над 25 милиони денари“, рече Ковачевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира