Кралот на Тајланд се ожени со заменик-шефицата на своето лично обезбедување и ја назначи за кралица, само неколку дена пред да почнат церемониите на неговото крунисување в сабота. Тој досега трипати се женеше и од овие бракови има вкупно седум деца.
Шеесет и шестгодишниот крал Маха Ваџиралонгкорн стана уставен монарх во 2016 година, по смртта на неговиот татко Бумибол Адулијадеџ, кој седеше на тронот цели 70 години и беше омилена фигура во земјата.
„Кралот Ваџиралонгкорн одлучи да го промовира генералот Сутида Ваџиралонгкорн На Ајудхја во кралица Сутида и таа ќе држи кралски титула и статус како дел од кралското семејство“, се вели во кралското соопштение.
Кралицата Сутида е долгогодишна партнерка на кралот и цело време заедно се појавуваа во јавност, иако нивната врска досега не беше официјализирана.
Кралицата Сутида е поранешна стјуардеса на „Таи ервејс“, која во 2014 година стана заменик командир на личното обезбедување на кралот, а две години подоцна беше промовирана во генерал на армијата.