Педесет и осум држави од цел свет ќе имаат претставници на јубилејното 15. издание на Виз ер Скопски маратон, што ќе се трча утре по улиците на главниот град. Организаторите се пофалија дека ова ќе биде најмасовното издание на маратонот досега, бидејќи се пријавени околу 12.500 учесници за четирите трки што се на програмата: маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на пет километри.
„Нѐ радува што ќе имаме рекордна бројка учесници, околу 12.500, кои доаѓаат од 58 држави, што е повеќе од една четвртина од светот. Ќе има елитни тркачи од Африка, поточно од Етиопија и Кенија и ако дозволат временските услови, очекуваме да имаме и нови рекорди на патеката. Се разбира, тука ќе бидат и најдобрите македонски тркачи и очекуваме и нивни најдобри остварувања“, најави директорот на Виз ер Скопски маратон, Кире Синадиновски.
Наградниот фонд изнесува 18.000 евра, а најдобрите во маратонот, доколку исполнат одредено време, можат да освојат максимум по 5.000 евра. Посебен награден фонд е предвиден за домашните маратонци, но тие признаваат дека националниот рекорд на Трпе Мартиновски од 2:25 часа засега е недостижен.
„Очекуваме оваа година да имаме најголем број домашни маратонци кои можат да ја пробијат магичната бариера од три часа, барем седум-осум. Тоа е показател дека домашната атлетика напредува, но мислам дека сѐ уште сме далеку од рекордот на Трпе“, изјави најбрзиот Македонец на ланскиот маратон, Александар Кираџиев.
Македонската рекордерка Адријана Поп Арсова ги повика граѓаните во што поголем број да излезат на улиците.
„Тоа е единственото нешто што му недостига на овој маратон, а тоа бодрење многу ни значи на нас, учесниците“, кажа таа.
Г. КОНЕВ