Повеќе од 30 играчи и тренери кои од Југославија направија кошаркарска велесила доаѓаат во Скопје в четврток за да му оддадат почит на легендарниот македонски тренер Лазар Лечиќ по повод неговиот 80. роденден.
На иницијатива на кошаркарските легенди Благоја Георгиевски-Буштур и Драган Радосављевиќ, Македонскиот олимписки комитет, Македонската кошаркарска федерација, Работнички, МЗТ Скопје и Агенција за млади и спорт организираат академија во хотелот „Александар палас“, на која ќе се слават животот и кариерата на неповторливиот Лечиќ, кој остави силна трага не само во македонската, туку и во југословенската и грчката кошарка.
„Многу луѓе доаѓаат од цела бивша Југославија. Сведоци сме дека понекогаш не ги почитуваме доволно нашите великани и затоа овој случај е посебен. Нема кој не сака да дојде и да му оддаде признание на Лечиќ“, изјави претседателот на МОК, Васил Тупурковски.
Листата гости не само што е долга, туку и импресивна, сè сами носители на медали од Олимписки игри и од светски и европски првенства: Тврдиќ, Шолман, Цветковиќ, Капичиќ, Данеу, Раѓа, Плеќаш, Јерков, Јанакис, Маљковиќ, Тањевиќ, Ивковиќ, Новосел, Ѓорѓевиќ… Велат дека Петар Сканси дури сакал да ја одложи хемотерапијата за да дојде во Скопје, но, сепак, нема да може, зашто мора на итна операција.
„Ова ќе биде еден сејугословенски собир. Идејата се роди на една манифестација во Белград кадешто бевме гости и еден спонтан разговор доби толку голема поддршка, што се претвори во организација на еден ваков собир. Толку многу луѓе изразија желба да дојдат, што бевме затечени. Сите беа воодушевени од идејата и тие што не можат да дојдат е само од здравствени причини. Од распадот на Југославија немало ваков собир на легенди“, изјави популарниот Буштур.
Г. КОНЕВ