Од земјите на Балканот, само македонските воздухопловни моделари немаат обезбедено пари за учество на Светското првенство за слободнолетечки модели, што од 17 до 22 октомври ќе се одржи во САД. Им недостасуваат околу 9.000 евра за минимум шестчлена екипа во две категории. Организаторот пријавите за учество ги прима до крајот на јули.
„Тоа се околу 1.500 евра по учесник. Воздухопловната федерација, Агенција за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет се изјаснија дека не се во можност ниту да помогнат, ниту да ги покријат трошоците”, изјави Пеце Илиески, претседател на Комисијата за моделарство при Воздухопловната федерација на Македонија.
Македонските моделари велат дека имаат голема желба да учествуваат на овој светски собир, на кој можат да се видат најнови модели на едрилици, гумењари и качувачи со минијатурен мотор. Тоа е и убава прилика да покажат што знаат, бидејќи на претходните светски првенства постигнаа забележителни резултати.
За Светското првенство во 2017 година во Унгарија, македонските моделари главно сами си ги покрија трошоците. Но, оваа земја е многу поблиску до Македонија и тие можеа некако да обезбедат пари.
Иако згаснаа многу клубови кои го негуваа воздухопловното моделарство, во Македонија и натаму има врвни моделари кои летаат модели на едрилици-гумењари. Климент Масин од охридскиот аероклуб е во самиот врв на европското моделарство.
„Неучеството на Светското првенство во САД ќе биде голем минус за македонските моделари. Не само што ќе пропуштиме прилика да видиме колку напредувале моделарите од светот, туку губиме шанса да прикажеме што знаеме ние”, вели Масин.
Д. ЧУБРИЌ