НОВИНАРИТЕ ОД ПРИЛЕПСКА „КАНАЛ ВИЗИЈА“ ДЕСЕТ МЕСЕЦИ НЕ ЗЕЛЕ ПЛАТА И НЕ ИЗВЕСТУВААТ ЗА ЛОКАЛНИТЕ НАСТАНИ

    НОВИНАРИТЕ ОД ПРИЛЕПСКА „КАНАЛ ВИЗИЈА“ ДЕСЕТ МЕСЕЦИ НЕ ЗЕЛЕ ПЛАТА И НЕ ИЗВЕСТУВААТ ЗА ЛОКАЛНИТЕ НАСТАНИВработените преку правен застапник поднесоа и кривични пријави против поранешниот и сегашниот сопственик, како и против физичкото лице кое настапува како полномошник. (Фото: принтскрин од Канал визија)

    Поради девет неисплатени плати и придонеси, како и хонорари, новинарите и другите медиумски работници од Канал визија, единствената локална телевизија од Прилеп која зрачи и во Кривогаштани и Долнени, престанаа да ги покриваат локалните настани. Велат дека го презеле овој изнуден чекор зашто десет месеци работат без пари.

    „Од понеделникот почнавме со емитување на кратки вести на нашата програма и оди информација за случувањата во нашата информативна куќа. Зазедовме став како редакција на ‘Канал визија’ да не ги покриваме дневните настани. Едноставно, новинарите и камерманите од телевизијата не излегуваат на настани’’ , рече Петар Димоски, главен и одговорен уредник на телевизијата.

    Вработените преку правен застапник поднесоа и кривични пријави против поранешниот и сегашниот сопственик, како и против физичкото лице кое настапува како полномошник.

    „До Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава за неколку кривични дела и тоа даночно затајување, повреда на право од работен однос и измама. Со пријавата се предлага јавниот обвинител од судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп да побара мерка за обезбедување на побарувањата на вработените пред сите останати да бидат надмирени, зашто движечката машинерија во телевизијата се вработените“, рече адвокатот Жарко Стеваковски.

    Тој додаде дека телевизијата има доволен прилив на средства да ги обезбеди сите побарувања од трети лица со исклучок на побарувања од работен однос. Промена на сопственичката структура во телевизијата се случи лани летото.

    Здужението на новинарите (ЗНМ) со соопштение денес ги поддржа колегите во барањата за нивните права. Го повика менаџментот на телевизијата „Канал визија“ строго да се почитува Законот за работни односи, а Државниот инспекторат за труд при Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи,како и останатите институции да се заинтересираат за случајот зошто со месеци не биле исплаќани платите и да бидат преземени соодветни мерки со цел негово решавање.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира