Опкружени со еротски танчарки, 50-тина жени и мажи од сите возрасти седат во подрум во централна Москва, слушајќи ја тренерката за секс, додека отворено им говори за нивните сексуални желби.
„Конечно сакам да знам што значи да се биде задоволена жена, што е сексуално задоволство“, изјави 45-годишна учесничка на предавањето за АФП.
Сексот како тема за која ретко се говореше во советската ера, сè уште е на истото ниво и со конзервативните ставови на Кремљ во изминативе години. За да им помогнат на луѓето да ја надминат нивната срамежливост говорејќи за сексуалните задоволства, психолози, сексолози и т. н. тренери за секс, сè почесто се појавуваат во ТВ-програми, во женски списанија и држат предавања и тренинзи.
Викторија Екатерина Франк, психолог и сексолог, вели дека целта на нејзините предавања не е да ги учи луѓето на техниките во сексот, туку „да им помогне на жените да ги разберат психолошките бариери кои ги заробуваа нивните глави“.
„Голем број жени толку се срамат да зборуваат за секс, што не можат да дишат“, вели таа.
Социолозите сметаат дека и триесет години по крајот на СССР, руското општество останува длабоко одбележано со аурата на табу за сексот.
„Советскте власти ја промовираа идејата дека сексуалниот чин треба да служи само за репродукција. Тоа значи дека за сексот не се зборуваше дома или на училиште’, вели социологот Елена Кочкина.
Сексологот Елена Рудкина вели дека се појавува зголемен интерес за сексуални теми и дека појавуваат голем број блогови за секс во Русија. Една од нив е Татјана Дмитриева, основач на Секспросвет, популарна интернет страница чија цел е да развие сексуална култура во Русија. Таа го основала сајтот пред три години, бидејќи, како што вели, немало простор каде може да се разговара за секс.
„Сакав да го променам тоа, да почнам дијалог“, вели Дмитриева. Таа често организира шоуа со бурлески и маркети со еротски аксесоари во Москва, за, како што вели, да им покаже на луѓето дека сексот не е здодевен.