Германската полиција која го истражува мистериозното тројно убиство со самострел во рурален хотел во Баварија објави дека пронашла уште две женски тела во стан оддалечен 650 километри.
Во станот во Витинген живеела 30-годишна жена, која е една од жртвите пронајдени во хотелот, заедно со маж и уште една жена, сите убиени со по неколку стрели. Полицијата кажа дека не се откриени траги на борба, ниту дека во хотелот имало уште некој. Во хотелската соба се најдени три самострели. Сите убиени се германски државјани.
„Педесет и тригодишниот маж е погоден во главата двапати и трипати во градите, додека жената што лежеше покрај него имаше по една рана во главата и градите. Третата жртва лежеше пред креветот, со стрела во вратот“, изјави јавниот обвинител Валтер Фајлер.
Тој додаде дека е непознато кога се убиени двете жени во Витинген. Нејасна е и врската помеѓу трите жртви од хотелот, кои земале двокреветна соба за три ноќи. Еден од гостите во хотелот кажа дека ништо не слушнал ноќта кога се случиле убиствата, додека друг изјави дека жртвите изгледале чудно.
„Таа секогаш беше облечена во црно, малку готски“, кажа еден од соседите за убиената 30-годишна жена.