СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СТЕ ГОРДИ НА МЕНЕ И НА СЕБЕ, РЕЧЕ ТАМАРА ПО ПЛАСМАНОТ ВО ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈА

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СТЕ ГОРДИ НА МЕНЕ И НА СЕБЕ, РЕЧЕ ТАМАРА ПО ПЛАСМАНОТ ВО ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈАТамара е првиот македонски финалист на Евровизија по 2012; - Од прес-конференцијата по вчерашниот настап во полуфиналето во Тел Авив (Фото: ОГАЕ)

    (Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    Во вчерашното второ евровизиско полуфинале во Тел Авив, македонската претставничка Тамара Тодевска успеа да се пласира за настап во саботното финале со композицијата „Горда“ (Proud), пласман што претходно го предвидуваа и обложувалниците, и новинарите. Со нас, за место во финалето се изборија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта.

    На прес-конференцијата одржана непосредно по завршувањето на полуфиналето, на нашето прашање дали со овој успех чувствува дека на некој начин се оддолжила за досегашните неуспеси и за бурата реакции кои следуваа по нејзиниот избор за наш претставник на натпреваров, Тамара одговори дека, секако, е горда што успеала земјата да ја доведе до долгоочекуваното финале и – во дух на песната со која тоа го постигна – се надева дека „сите ние чувствуваме гордост и за постигнатиот успех, и за нас самите“. Исто така, се заблагодари на целиот свој евровизиски тим кој неуморно работи заедно со неа.

    Со овој пласман е прекината нашата шестгодишна евровизиска суша и по 2012, кога за последен пат сме имале претставник во финалето со Калиопи и „Црно и бело“, запрена е серијата неуспешни обиди за повисок пласман. Оценките за синоќешниот настап на Тамара се исклучително позитивни: холандските коментатори, на пример, ја прогласиле за најдобра од сите останати вечерта – секако, по нивниот претставник Данкан Лоренс.

    Евровизијата продолжува денеска со првата генерална проба и со жири-финалето. Во саботното финале кое започнува во 21 часот, Тамара ќе настапи под реден број 8, по Сан Марино, а пред Шведска. Како прва ќе настапи Малта, а како последна, под реден број 26 – Шпанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира