(Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)
На евровизиското финале што синоќа се одржа во Експо центарот во Тел Авив победи Холандија со песната „Аркада“ (Arcade) на Данкан Лоренс, која беше и една од фаворитите за победа со месеци однапред. Холандија се пласира прва и во полуфиналето во четвртокот. Тамара Тодевска со „Горда“ (Proud) го забележа македонскиот најдобар евровизиски резултат, со финален пласман на осмото место и второ место во полуфиналето – веднаш зад Данкан. Ова е голем успех, како за Тамара така и за нашиот освежен евровизиски тим, кој изминатите години беше под притисок да направи некаква промена по серијата неуспешни евровизиски обиди. Сега е јасно дека, сепак, имаме капацитет да создадеме нешто доволно добро што може да парира на поголемите музички пазари.
Поделбата на гласовите во завршницата беше драматична и интересна, особено што игравме главна улога во заплетот и расплетот до самиот крај. Како второпласирана од жиријата, поените од публиката за Тамара беа прочитани кон самиот крај, кога стана јасно дека телевоутингот не ни бил доволно наклонет за повисок пласман. Во евровизискиот прес-центар се случуваше своевиден трилер и сите очи (и камери) беа вперени во нашиот мал македонски новинарски тим, во исчекување да не случајно победиме. Иако тоа не се случи, сепак беше многу забавно за првпат да се биде во центар на вниманието, и тоа до самиот крај.
Додека се броеја гласовите од телевоутингот, публиката ја забавуваа серија пејачи од кои повеќето бивши евровизиски победници, а најизвикан од сите беше настапот на светската музичка ѕвезда, Мадона. Нејзиниот долгоочекуван настап беше, во најдобра рака, просечен и вокално на моменти катастрофален, но сепак беше интересен да се види. Се шпекулира дека сумата која била платена од спонзори за нејзиниот настап е над милион евра и со оглед на покажаното, дискутабилно е дали навистина толку и вредело.
Од земјите во регионот, по нас, најдобро се пласира Словенија на место број 13, Србија – 17, Албанија – 18 и Грција – 21. На последно место заврши Англија со само 16 поени, 13 од жиријата и 3 од телевоутингот во Ирска. Германија неславно не доби ниту еден поен од телевоутингот и заврши како 24-та со 32 поени од жиријата.
По правило, понуда за одржување на Евровизијата идната година ќе добие Холандија како земја-победничка годинава, и се очекува понудата да биде прифатена. За домаќин главен фаворит е Амстердам, но во игра е и Ротердам. Холандија, вклучувајќи ја и оваа победа, била евровизиски победник 5 пати и била домаќин на настанот 4 пати: 1958 во Хилверсум, 1970 во Амстердам и два пати во Хаг, во 1976 и 1980.
За Евровизија 2020 дури 19 земји прелиминарно го имаат потврдено своето учество – ние не сме една од нив.