Во Повардарјето и Овче Поле за 30 години нема регистрирано ниту еден случај на тешка реакција предизвикана од која било вакцина, вклучувајќи ја и таа за мали сипаници. Ова беше кажано на трибината „Вакцинација: заштита или опасност“, што ја организираше Советот за јавно здравје при Општина Велес.
„За 30 години работа во оваа институција, немам добиено пријава за тешка реакција по која било вакцина, не само за морбили. Луѓето се плашат бидејќи има локални реакции, кои се јавуваат и од инјекции. Сè делува на човечки организам. Ниту еден простор не е стерилен, се` дава одредени реакции, дури и времето што се менува доведува до главоболки. Затоа е потребно да се разговара со родителите, сами да го донесат решението дали нивното дете треба да се вакцинира“, кажа д-р Билјана Трајкова, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Велес, кој ги покрива и Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Дојран, Свети Николе…
Таа потенцира дека корист од вакцинацијата, освен поединецот, има и општеството. Со опаѓањето на општиот процент на имунизација, сите се загрозени. Како прилог на ова додаде дека во Велешко годинава има случаи на лица кои ги примиле двете дози на вакцина против морбили, но нивниот имунолошки систем паднал со годините „оти не постои ниту лек, ниту вакцина што нуди 100% заштита“.
Задолжителната вакцинација против морбили во Македонија започнала во 1972, а со две дози во 1976. Со идентични податоци излезе и д-р Петре Крстев, раководител на превентивната служба за претшколска возраст при ЈЗУ Медицински центар.
„Од почетокот на вакцинацијата против морбили во 1972 нема пријава за сериозен случај на несакана реакција, ниту, пак, аутистичен синдром. Овие податоци го потенцираат значењето на имунизацијата. Бенефитот од превенција на заразни заболувања многукратно ги надминува ризиците од вакцинацијата“, вели Крстев.
Тој дополни дека во Велешко има 4.502 деца до петгодишна возраст, а невакцинирани според календарот за вакцинација биле 124 деца.
Бројките за Општина Велес покажуваат дека нема болни на возраст од една до 25 години, благодарение на добрата имунизација. До средината на мај во Велешко има 37 случаи на морбили, од нив 17 во градот, осум во Горно Јаболчиште и четири во село Бузалково. На прашањето дали болен од рак може да се вакцинира од морбили, Крстев одговори дека тоа зависи од болеста и од фазата на лекувањето.
„Ниту една болест не претставува контраиндикација за вакцинација. Треба да се одбере моментот кога ќе се изврши. Болни од ХИВ примаат во одреден момент вакцина против морбили. Затоа можеме да зборуваме за пациент, случај и болест“, рече Крстев.
Седуммина родители од Велес минатата година завршиле на суд, оти не ја почитувале законската обврска нивните деца да бидат вакцинирани. Дел од нив се парично казнети, дел не..
П. ПЕЧКОВ