Тереза Меј објави дека на 7 јуни ќе поднесе оставка од функцијата лидер на Конзервативната партија, со што и Велика Британија ќе добие нов премиер.
Во своето емотивно обраќање од Даунинг стрит, Меј кажа дека сторила сè што е во нејзина моќ да ги реализира резултатите од референдумот за излегување на Британија од Европска Унија.
„Длабоко жалам што не успеав да го спроведам брегзит, но во најдобар интерес на земјата е да добие нов премиер“, изјави Меј.
Таа кажа дека ќе продолжи да ги извршува премиерските обврски додека се одржува изборот на нов лидер на конзервативците, што ќе почне набргу по нејзиното повлекување.
Меј го наследи Дејвид Камерон на премиерската позиција во јули 2016, по успешниот референдум за брегзит. Сепак, во меѓувреме, нејзиниот план за излегување од ЕУ во неколку наврати беше отфрлен од парламентарците, по што таа се најде под силен притисок да се повлече.