Mинистерството за финансии ја обвини опозицијата за одложување на задолжувањето од 650 милиони евра преку издавање еврообврзница со тврдење дека целиот процес бил врз основа на закон и кристално чист.
Во соопштението што беше емитувано доцна синоќа кога стана јасно дека задолжувањето ќе се одложи, Министерството информираше дека „економската турнеја на владиниот економски тим во насока на анимација на потенцијалните инвеститори за еврообврзницата помина во исклучително позитивна атмосфера и амбиент, потенцијалните инвеститори покажаа голем интерес за еврообврзницата притоа истакнувајќи исклучително позитивни оценки за карактериските на македонската економија“ и дека „во финалната фаза на процесот се постигна огромен интерес на страната на инвеститорите и по обемот на средства и по условите за издавање на еврообврзницата“.
Министерството информира дека овој процес не е стопиран, туку само е одложен затоа што „македонската опозицијата во својот познат стил на деструкција се обиде повторно да нанесе штета на РМ преку обид неосновано и тотално нерационално и без никаков аргумент да го оспори овој процес преку пишување на писма со невистинита содржина и без никаков основ,факт или аргумент“.
Македонија го одложи издавањето на еврообврзницата поради тоа што вчера нагло почнала да расте каматата, откако инвеститорите пресметале дека може да е ризично вложувањето во обврзници во Македонија. Кога била понудена еврообврзницата за продажба, веројатно поради писмото на опозицијата и тековните преговори во Пржино со посредство на ЕУ и САД, како и масовните протести на Шарената револуција против задолжувањето, инвеститорите почувствувале ризик дека нешто не е во ред со процедурата на издавање. Така заинтересираните клиенти почнале да ја дигаат каматата. Кога каматата стигнала до 5,5 проценти Владата видела дека ќе пропадне продажбата и ги известила банките дека го одложува издавањето на еврообврзницата за да преземе мерки за да правно ја регулира постапката за издавање.
Од СДСМ велат дека автор на писмото е Кире Наумов, кој беше дополнителен заменик министер за финансии во Владата за спроведување избори. Тој од името на СДСМ испратил писмо до водечките светски медиуми специјализирани за бизнис, како што се Блумберг, Форбс, Томсон Ројтерс, СиЕнЕн, БиБИСи… и водечките банки заинтересирани да инвестираат во еврообрзницата, дека издавањето на еврообврзницата не е законско и треба да бидат внимателни при купувањето.