И по 75 години, близу Велес сѐ уште во почвата се наоѓаат неексплодирани гранати од Втора светска војна. Во саботата беше пронајдено артилериско зрно Ф 40 мм, на локација близу населбата Дурутовец, покрај железничката пруга. Истото е отстрането и ќе биде уништено, најавуваат од велешката полиција.
„На улицата Академик Пенчо Давчев во двор од куќа сопственост на Т.К. била пронајдена граната од Втора светска војна. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР -Велес, а од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, гранатата била подигната за понатамошна постапка“, информираа од МВР.
Ова подрачје, кое е во близина на пругата Велес-Штип, често во изминатите години беа пронаоѓани неексплодирани гранати. Постарите велешани се потсетуваат зошто е така, но и дека таму многумина деца настрадале или останале инвалиди.
„Есента 1944 година, кога Германската војска се повлекуваше од Источна Македонија, со воз, носеа и оружје што таму беше затекнато. При еден такво транспорт, сојузничките воздухопловни сили, го погодија возот а муницијата се разлета по околината, покрај пругата. По ослободувањето многу деца настрадаа играјќи си во овој дел на околината на градот, други останаа без раце, нозе, со оштетен вид“, вели постар жител на Велес.
Пред 20-тина години, просторот беше чистен од страна на деминери, но и покрај опсежната акција која траеше еден месец, во почвата има сѐ уште дел од опасната муниција, која сопствениците и по толку години ја пронаоѓаат.
П. ПЕЧКОВ