„МОЖЕМЕ И САКАМЕ ДА ПЕЕМЕ“ – КОНЦЕРТ ВО БИТОЛА НА ЛИЦАТА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ

    „МОЖЕМЕ И САКАМЕ ДА ПЕЕМЕ“  – КОНЦЕРТ ВО БИТОЛА НА ЛИЦАТА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТДел од учесниците на концертот кој се одржа во склоп од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ (Фото: СДК.МК)

    Како голем херој, на англиски јазик ја отпеа песната „Херој“ (Hero) од Витни Хјустон покажувајќи ја својата љубов кон музиката. Младата битолчанка Елена Петровска од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола настапи на манифестацијата „Можеме и сакаме да пееме“ во склоп од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“.

    „Многу сум радосна што можам да пеам и не само тоа туку и да настапувам пред публиката. Испеав неколку песни, а за првпат на англиски јазик“, рече Елена.

    Девојката покрај музичкиот дел имаше подготвено и сценски движења како мноу други интерпретатори, а и изговорот на англиски јазик, иако претходно не го изучувала ѝ беше добар.

    Елена Петровска ја изведе песната „Херој“ (Hero) од Витни Хјустон (Фото: СДК.МК)

    „По осум часа дневно се подготвуваше за настапот. Членовите на ‘Порака’ се подготвуваа неколку месеци заедно со музиката. За англискиот јазик многу ни помогна Симона Јовеска која има приватно училиште за странски јазици ‘Лотус’, а од ‘Анастасија Центар’ ни помогнаа со обука на децата за пеење. Ова е одлична можност да се подигне свеста кај народот дека овие деца можат да ги развиваат своите таленти како и другите луѓе“, рече Оливера Петровска, мајка на Елена.

    Елена заедно со други лица со интелектуална попреченост ги изведоа и „Цреша“ од Тоше Проески, народната „Јовано, Јованке“, како и други песни на англиски јазик.

    „За овие деца и млади луѓе да го унапредуваат пеењето немаме спонзорства, тоа е многу тешко, голема борба. Ова само е проект, а надвор од него има можност да го развиваат талентот само ако си платиме, друга можност нема. Ќе мора да оди на приватни часови ако сум јас во можност да платам“, вели Оливера Петровска.

    Проектот „Можеме и сакаме да пееме’’ го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, ЦПЛИП „Порака“, а е поддржан од Европската Унија.

    „Целта е да се подигнува свеста кај јавноста, подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумските содржини, креирање на позитивна слика за можностите и способностите на лицата со интелектуална попреченост како и акцентирање на нивните таленти преку уметнички исказ, со што би им помогнале да обезбедат можности за подобра иднина. Да им дадеме соодветна помош и поддршка, и да го почитуваме концептот на еднаквост без оглед на попреченост“, рече Јуле Трајчевска, една од основачите на „Порака.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира