Четириесет и едногодишната Мете Фредериксен би можела да дојде на чело на новата левичарска влада во Данска откако Социјалдемократите победија на вчерашните избори, на коишто антиимиграциските националисти го доживеаја најтешкиот пораз досега. Фредериксен би била најмладиот премиер во историјата на Данска и втора жена на оваа функција.
Резултатите од гласањето покажуваат дека на Данците им е доста од тврдата политика на Народната партија, врз која се базираше владејачката коалиција на десниот центар. Дури и досегашниот премиер Ларс Локе Расмусен навести дека некои од данските имиграциски закони се престроги, откако дозна дека 29-годишната свршеница на неговиот син, Американка која има завршено Харвард, не може да остане во земјата.
Блокот на левиот центар освои 91 место во парламентот, наспроти 75-те на десниот центар, па Фредериксен ќе добие предност да формира влада.
„На овие избори фокусот беше на благосостојбата и неа ќе ја ставиме на прво место. Ова беше историски голема победа“, изјави таа.