ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ НОВ УРГЕНТЕН ХИРУРШКИ ЦЕНТАР

    ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ НОВ УРГЕНТЕН ХИРУРШКИ ЦЕНТАРВо новиот центар ќе се обединат амбулантите по анестезиологија, хирургија и ортопедија (Фото: СДК.МК)

    За две недели ќе почне со работа новиот Ургентен хируршки центар во составот на Општата болница Куманово, најави министерот за здравство Венко Филипче при неговата денешна обиколка.

    Тој е со површина од 760 квадратни метри и содржи амбуланти за анестезиологија, хирургија и ортопедија, со придружни простории и современа медицинска опрема. Проектот чини 900.000 евра, што ги обезбедија Министерството за здравство и државата. Започна да се гради во 2017 година.

    Во новиот објект се вложени 900.000 евра (Фото: СДК.МК)

    „Во наредните две-три недели очекуваме да ја добиеме употребната дозвола, со што ќе влезе во функција овој објект, значаен не само за Куманово и Североисточнот регион, туку и за целиот здравствен систем, со оглед на тоа што болницата во Куманово има преку 100.000 пациенти годишно. Многу е битно што на едно место се обединуваат амбулантите по анестезиологија, хирургија и ортопедија, што е светски е европски стандард. Пациентите ќе бидат примани на едно место, веднаш ќе се прави комјутеризирана томографија, ќе бидат прегледувани од повеќе специјалисти и ќе се види што и како понатаму“, изјави Филипче, додавајќи дека се размислува Кумановската болница да стане клинички центар.

    Директорката на Општата болница Куманово Снежана Захариева изјави дека со нетрпение го чекаат отворањето на новиот објект.

    „Вакво нешто одамна му требаше на Куманово, центар кадешто ќе се згрижуваат не само хируршките пациенти од нашиот град, туку и од целиот регион. Значи, пациентите нема да талкаат од еден до друг објект, туку на едно место ќе добијат комплетен третман“, изјави Захариева.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира