НОРМАЛНО Е ДА СЕ СРЕЌАВАМЕ СО ГРУЕВСКИ, ВЕЛАТ ОД УНГАРСКОТО МНР

    НОРМАЛНО Е ДА СЕ СРЕЌАВАМЕ СО ГРУЕВСКИ, ВЕЛАТ ОД УНГАРСКОТО МНРНовинар на унгарскиот портал „444“ му поставува прашања на Никола Груевски на заминување од средбата во стан во Будимпешта. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Унгарското Министерство за надворешни работи потврди дека нивни функционер имал средба со азилантот Никола Груевски во стан во Будимпешта, откако унгарскиот портал „444“ го сними осудениот избеган експремиер на заминување од средбата.

    „Не е ништо посебно Министерството за надворешни работи да биде во контакт со личност во Унгарија, која била премиер во својата земја долг период“, одговорија од унгарското МНР на прашањето на унгарскиот портал „444“.

    „444“ го утврди идентитетот на лицата кои го придружуваа Груевски и откри дека поранешниот премиер во петокот се сретнал со заменикот државен секретар во унгарското МНР Иштван Јо во стан, кој, според катастарот, е во сопственост на двајца кинески државјани.

    Станот, кој вообичаено се издава на гости преку „Ер-Би-Ен-Би“, се наоѓа веднаш до редакцијата на порталот „444“, чии новинари го чекаа Груевски да заврши со средбата, по што му поставуваа прашања, но тој упорно повторуваше дека нема да даде изјава. Според изворите на „444“, станот во кој беше Груевски е во сопственост на унгарските безбедносни служби и се користи за тајни средби, но во случајот со Груевски некој направил голем превид, бидејќи заборавил дека се наоѓа веднаш до канцелариите на новинарска редакција.

    Предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземањето на пратеничкиот мандат на Груевски поради неоправдано шестмесечно отсуство е прва точка на дневниот ред на собраниската седница во вторник. Во петокот, пак, претседателот на Собранието Талат Џафери потврди дека кај него пристигнала оставката на Груевски и дека по преводот од унгарски ќе биде доставена до пратениците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира