Народниот правобранител Иџет Мемети, кој е член на владиното тело за судски реформи на чие чело до неодамна беше премиерот Зоран Заев, денеска жестоко ги критикуваше судските реформи, кадровските решенија во судовите, но и непочитувањето на законот од страна на власта, да им се дава од Буџетот 0,8 отсто на судиите, во насока на нивно осамостојување.
Според Мемети, не може да се подобри правосудниот систем само со промена на закони.
„Во Република Северна Македонија се носат закони без анализа и начин на примена на тие закони“, критикуваше тој денеска на состанокот на мрежата на Национални превентивни механизми од Југоисточна Европа.
Правосудството треба да е столбот или гарантот на функционирањето на системот, го повтори Мемети тоа што и меѓународниот фактор постојано ни го кажува. Мемети критикуваше дека трите власти прават мали и недоволни напори за суштински да го подобриме судскиот систем.
„Колку создаваме услови тој систем или тоа што го зацртуваме во закон да го спроведеме? Никако! Ние само носиме закон, а од друга страна не издвојуваме средства да создадеме услови тој закон да се спроведе, од секаков аспект, од услови на судиите, од квалитет на судиите итн. Сите реформи или надградби на системите како само формално да ги правиме. Има една огромна разлика меѓу тоа што значи реална потреба од реформирање и желбите што ние ги имаме. Не може секој стандард што го гледаш да го прифатиш, а истиот после да ти создава проблеми и да не може да се спроведе“, го критикуваше Мемети и голото копипастирање на странски закони кои потоа тешко се применуваат кај нас.
За свесното ограничување на финансиските средства, а кои им се загарантирани на судиите со закон, според кој треба да се издвојат 0,8 проценти од БДП, Мемети укажа дека не се почитува тој закон и оти не се издвојуваат ниту 0,3 проценти за тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА