Премиерот Зоран Заев вели дека осудениот експремиер Никола Груевски избегал во Албанија скриен во багажник на автомобил, во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесе „Дојче Веле“.
„Знаеме како Груевски избега од земјата. Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, вели Заев.
По преспиена ноќ во унгарската амбасада во Тирана, Груевски со унгарско дипломатско возило, преку Црна Гора и Србија, на 12 ноември минатата година пристигна во Унгарија, каде што експресно му беше одобрен азил.
Груевски имаше упатен акт на 9 ноември да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра. 9 ноември беше петок, а полицијата отиде да го бара дома на 12 ноември, во понеделник.
„Во земјата вообичаено е криминалците кои се повикани во петок за отслужување на затворска казна, викендот да го поминат дома. Не можевме тоа да го смениме само за Груевски“, вели Заев во интервјуто.
Снимки од граничните премини на македонско-албанската граница нема. Јавниот обвинител Љубомир Јовески на 29 јануари кажа дека не е постапено по барањето за меѓународна правна помош од безбедносните служби на Албанија и дека снимките од безбедносните камери во врска со бегството Груевски од Албанија не се обезбедени.
„Има неколку образложенија од албанската страна, но основно е дека имало голем број снимени материјали на камерите и дека тој нивни систем не можел подолго да ги чува“, кажа тогаш Јовески.