„БАКХИ“ НА БИТОЛСКИ ТЕАТАР ПОБЕДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

    „БАКХИ“ НА БИТОЛСКИ ТЕАТАР ПОБЕДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“Сцена од претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица, победник на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (Фото: Народен театар Битола)

    Народниот театар од Битола за претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“  во режија на Игор Вук Торбица ги доби наградите за најдобра претстава и режија на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој завршува вечерва. За наградите одлучуваше жирито на чело со Бедија Беговска и членките Лилјана Богојевиќ и Маја Вељковиќ.

    Марија Спиркоска-Илијески и Александар Степанулески ги добија наградите за најдобри актерка и актер за улогите на Велика и Јон во претставата „Пиреј“ на Прилепскиот театар.

    Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Билјана Драгичевиќ-Пројковска за „Странци“ на Драмски театар, а за споредна машка улога  Гзим Жерка за „Смртта на Дантон“ на Албанскиот театар. Најдобра млада актерка е Симона Димковска, а млад актер Тони Денковски.

    Димитар Андоновски ја доби наградата за музика за претставите „Пиреј“ и „На отворено“, Константин Трпеноски за сценографијата за претставата „Макбет“, а Љупчо Ѓорѓиевски наградата за за современа сценска драматизација за „Животинска фарма“ на Струмичкиот театар.

    Наградата за кореографија и сценски движења му се доделува на  Ѓерѓ Превази, а за костими на Роза Трајческа-Ристовска.

    Наградата од публика ќе се додели вечерва на свеченото затворање, кога во чест на наградените ќе се изведе претставата „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, продукција на Македонскиот народен театар (МНТ).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира