Ако денес избие голем шумски пожар, нема да може да се гаси со противпожарните авиони оти дозволите за летање на пилотите им се истечени. Важеле до 23 јуни, а нови се уште не се извадени. Од Дирекцијата за заштита и спасување потврдуваат дека се истечени дозволите на пилотите.
„Денес пожар нема да има, ве уверувам. Ги следиме сите точки и секаде е мирно, а веќе за сосема кусо време пилотите ќе ги добијат дозволите, во постапка на добивање се, која наскоро ќе заврши“, изјави вчераутро Димче Митевски, раководител на Одделение за техника и материјално-техничко опремување во Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој не објасни зошто не извадиле дозволи навреме. Поради истечените дозволи, ер-тракторите на Дирекцијата се приземјени веќе цел месец.
Директорот на Дирекцијата, Шабан Салиу неколку дена не одговара на телефонските повици.
И во агенцијата за цивилно водухопловствто што е задолжена за безбедноста на летањето во Македонија упорно го игнорираат прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто се дозволило пилотите на единствените три авиони со кои се гаси пожар да останат без валидни дозволи за летање и кој е одговорен за тоа.
За да се продолжат дозволите пилотите мораат секои две години да одат на тренажен лет во Шпанија, кај производителот на ер тракторите. За дозволите и за безбедноста на летањето е задолжена токму Агенцијата за цивилно воздухопловство, но ниту од таму, ниту од Дирекцијата за заштита и спасување не одговорија дали парите се проблем што пилотите не биле пратени на редовна дообука, или едноставно станува збор за неорганизираност.
Во Дирекцијата се пожалија дека дозволите на пилотите не се единствениот проблем што го имаат ова лето.
„Како што стојат сега работите, пожари со авионите ќе можеме да гасиме само од огномети за Нова година. Ер-тракторите не се серивисирани. Последниот сервис важеше до 15 јули. Рокот е истечен, сервис не е направен, а истекува рокот и сервисерот. За избор на нов сервисер допрва треба да се распише тендер па точно околу Нова година ќе бидеме спремни за гасење шумски пожари“, се пожалија во дирекцијата вработени кои сакаат да останат анонимни затоа што шефовите им се заканувале.
Раководителот Митевски, пак, објаснува дека не е баш така како што ни било раскажано.
„Договорот со шпанскиот сервисер е со важност од една година плус 30 дена по истекот на рокот. Рокот на сегашниот договор истекува на први август и од тогаш почнуваат да течат дополнителните 30 дена. Тоа значи дека до септември сме покриени. За периодот потоа, во тек се подготовки за избор на сервисер, но најверојатно ќе го продолжиме договорот со Шпанците“, рече раководителот Митевски.
Тој вели дека за евентуалните пожари ова лето, Дирекцијата е многу поорганизирана во однос на минатите години. Зајакната е превенцијата од шумски пожари за што се грижат вкупно 650 лица. Освен тоа, Митевски вели дека е изменета и законската регулатива со што е зајакната улогата на локалната самоуправа во гасењето на шумските пожари. Дирекцијата ќе се вклучи само онаму каде што локалната самоуправа нема да може да се справи со огнот.
И минатата година Македонија среде лето остана без авионите за гасење пожари. На трите ер трактори им беше истечено осигурувањето додека се сервисираа во Шпанија. Бидејќи Дирекцијата штедеше и не платила навреме, авионите не смеаја неосигурани да прелетаат од Шпанија до Македонија.