Џереми Хант и Борис Џонсон ќе се соочат во трката за нов лидер на Конзервативната партија, а со тоа и за премиерската функција, откако во последниот круг од гласањето отпадна министерот за животна средина Мајкл Гав.
Џонсон, кој е поранешен министер за надворешни работи и градоначалник на Лондон, убедливо победи во гласањето на пратениците од Конзервативната партија, додека Хант се протна во завршната борба со само два гласа повеќе од Гав.
Името на новиот премиер на Велика Британија ќе биде објавено на 22 јули, а во гласањето ќе учествуваат повеќе од 160.000 членови на партијата.
„Почестен сум што освоив повеќе од половина од гласовите. Едвај чекам да го спроведам мојот план за брегзит, да ја обединиме земјата и да создадеме посветла иднина за сите нас“, изјави Џонсон.
Хант призна дека Џонсон е фаворит да биде нов премиер, но и додаде дека изненадувања во политиката се случуваат.