Заменик-министерот за образование Петар Атанасов денеска поднесе оставка и во обраќањето до премиерот Зоран Заев вели дека си заминува од сите функции во министерството и владата, бидејќи во изминатите 10 месец освен многуте и бескрајни формалности во работата на министерството, овој период не се случи ништо позначајно.
„И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро“, напиша Атанасов на Фејсбук, додавајќи дека неговата позиција станала неодржлива и неефективна.
Понатаму, Атанасов предупредува дека во општеството паралелно се одвиваат два процеса, од кои едниот форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, а другиот, кој тој го поддржува, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото. Но, вели тој, ниту тој процес од стратегијата „Едно општество“ не може да фати корен без суштински промени во образованието.
„Во оваа стратегија голем дел е посветен на образованието, како основа за идните политики и законски решенија, кои во една пристојна временска димензија би поддржале процеси на интеркултурно живеење и комуникација, без разлика на сите наши специфичности и различни припадности. Без суштински и добро осмислени и реализирани промени во образованието, ниту оваа стратегија нема да може да фати корен“, вели Атанасов.
Тој вели дека има намера да ѝ се врати на академската кариера.
Е. БОЧВАРОСКА