Експерти за демолирање ги уништија остатоците од мостот Моранди во Џенова, помалку од една година откако се урна неговата централна структура.
Илјадници луѓе беа евакуирани пред да се изведат експлозиите, со кои беа урнати две големи кули составени од 4.500 тони бетон и челик. Резервоари со вода беа поставени околу мостот за да се спречи ширење на прашина.
Четириесет и тројца луѓе загинаа кога се урна дел од 45 метри високиот мост во август, што предизвика жестока дебата во Италија за безбедноста на инфраструктурата. Моранди, чија изградба беше завршена во 1967 година, беше клучна врска на италијанската ривиера и северна Италија со Франција и по него годишно поминуваа 25 милиони возила.
Повеќе од 3.400 луѓе беа евакуирани утрово од областите околу двете кули, додека се подготвуваше операцијата за демолирање. Беа затворени и сите патишта во радиус од 300 метри. Кулите паднаа за само шест секунди.
Во декември, реномираниот италијански архитект Ренцо Пијано ги претстави плановите за изградба на нов мост, кој ќе биде еден од најскапите во Европа.