Италијанската полиција уапси 18 лица, вклучувајќи градоначалник, лекари и социјални работници, кои се обвинети дека систематски лажеле деца оти нивните родители ги злоупотребуваат за да можат да ги продадат на згрижувачки семејства.
Истрагата во северниот град Реџо Емилија почнала минатата година, при што е откриена мрежа на учесници, кои користеле методи како електрошокови за да им ги перат мозоците на децата, убедувајќи ги дека се сексуално злоупотребувани. Децата потоа биле продавани на други луѓе и не ги добивале подароците и писмата што им ги праќале нивните родители. Полицијата ги пронашла овие предмети во едно складиште.
Покрај цртежи со сексуална конотација, мрежата користела и терапии со електрошокови, со кои кај децата биле креирани лажни сеќавања на злоупотреба, додека терапевтите се облекувале како зли ликови од детски приказни.
„Овие обвинувања, ако се докажат, се застрашувачки и шокантни“, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Меѓу уапсените е и градоначалникот на Бибијано. Полицијата не објави за колку деца станува збор, но во игра биле стотици илјади евра.