„Адрија ервејс“, поранешниот национален авиопревозник на Словенија, се соочува со колапс само три години откако беше приватизирана, кога доби германски сопственик. Словенечкиот весник „Вечер“ објави дека компанијата нема да опстане до зимата ако во меѓувреме не успее да пронајде стратешки и финансиски партнер.
Откако лани откажа голем број летови, сериозни одложувања и откажувања продолжуваат на дневна база и ова лето.
Менаџментот на „Адрија“ призна дека компанијата има проблеми, но работи напорно за да ги реши. Извршниот директор Холгер Коварш изјави дека се преговара со потенцијални стратешки партнери, но додаде дека „Адрија“ би можела сама да опстане.
„Ќе сториме сѐ за да го намалиме бројот на одложувања и откажувања на летови, но тие им се случуваат на сите авиокомпании и не можат целосно да се избегнат“, кажа Коварш.
Тој не ги откри имињата на потенцијалните партнери со кои преговара, додавајќи дека се неколку.
„Адрија“ е присутна на македонскиот пазар уште од времето на поранешната заедничка држава СФР Југославија со редовни линии од Љубљана до Скопје најмалку еднаш дневно, а во летна сезона и по два пати дневно. Некогаш словенечкиот превозник одржуваше и сезонски линии до Охрид.