ЏАБЕ СЕ ЧЕКА НОВИОТ ЗАКОН ЗА СЈО, НЕ ГИ РЕШАВА СТОПИРАНИТЕ ИСТРАГИ, КАЖА ПРОФЕСОРОТ КАЛАЈЏИЕВ

    ЏАБЕ СЕ ЧЕКА НОВИОТ ЗАКОН ЗА СЈО, НЕ ГИ РЕШАВА СТОПИРАНИТЕ ИСТРАГИ, КАЖА ПРОФЕСОРОТ КАЛАЈЏИЕВКалајџиев смета дека сега со сила се бара некое решение, но вели дека не е добро што во општеството постои поделеност во правниот систем. (Фото: К. Попов)

    Новиот закон за Јавно обвинителство не може да го реши проблемот со запрените истраги за корупција и криминал на поранешни високи функционери, бидејќи не може наназад да уреди дали некои истраги треба да продолжат, тврди професорот Гордан Калајџиев.

    „Ако некои истраги требало да запрат“, не може некој закон потоа да ги продолжи“, вели тој.

    На прашање зошто пак судењата за „старите“ случаи, за 20-те обвиненија судиите во Основниот суд Скопје постојано ги одлагаат и бавно течат постапките, Калајџиев апелира судството да престане да чека одлуки од политиката да го реши статусот на СЈО, спорното прашање дали истрагите почнати 18 месеци, обвиненијата помогнати по 18 месеци од преземањето на бомбите, може да продолжат, и слично.

    „Тоа е погрешно, сум го кажал неколку пати, бидејќи не го решава проблемот“, вели професорот по кривично право.

    Тој упатува дека нема авторитет, всушност, кој би можел да го протолкува членот 22 кој кажува за рокот за поднесување истрага, бидејќи СЈО е резултат на политички договор во Пржино.

    „Едно решение за проблемот и своја визија даде Врховниот суд, со кое очигледно не се согласува обвинителството, чека некое латентно толкување. А еве вие кажете ми кој би можел да даде толкување за овој закон, кој практично е и дел од Пржинскиот договор? Такви оригинални ликови коишто би учествувале, т.е. да ја знаат идејата на тој спорен член 22, во моментов нема. Такви изјави дадоа само Ванхојте, па и самиот премиер, врзано дека тој рок од 18 месеци бил предмет на договор, кој во тој момент беше јасен. Беше јасен и според постапувањето на СЈО. Тие брзаа со доставување на предметите, па после тоа настапи затишје“, рече тој.

    Калајџиев смета дека сега со сила се бара некое решение, но вели дека не е добро што во општеството постои поделеност во правниот систем.

    „Од една страна има недоверба во Врховниот суд, од друга страна се Министерството за правда и обвинителството, делумно со нив странски амбасади. Судството, ако сака да покаже дека е судство, мора да пресече по право, не по политика. Досега овие прашања ги решававме со политичка позадина, значи навивачи за СЈО против елитата на СЈО, и други. Мора правно, судот да тргне по правото. Судиите се меѓу чеканот и наковалната. Ако одлучат дека тие обвинителни акти или предлози треба да се отфрлат, ги чека критика од јавноста, веднаш би биле ставени во кош дека ја попречуваат правдата. Ако го прифатат мислењето на Врховниот суд, веројатно ќе бидат изложени на оценки на повисоките судови, особено од Врховниот, а Бога ми и од Судот во Стразбур, кој во некои случаи има донесено јасни одлуки дека со судбината на граѓаните, во момент кога за нив ќе настапи околност која доведува до запирање на постапките, не може да се игра. Тоа ќе ни се случи и за истрагите, и за помилувањата“, предупредува Калајџиев.

    Судиите, вели тој, мора да пресечат.

    „Гледам дека судиите се и внатре поделени. Баш ме интересира како ќе заврши приказната“, вели Гордан Калајџиев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира