Премиерот Зоран Заев треба во најкус рок да постави нов министер за финансии, велат од Антикорупциската комисија.
По укажувањето на Антикорупциската комисија, на 26 јуни на собраниската седница премиерот Заев го повлече предлогот да биде и министер за финансии, но рече дека ќе раководи со Министерството до избор на нов министер.
Сега од Антикорупциската комисија велат дека од оваа функција Заев треба што поскоро да се откаже.
„Заев како премиер може да врши надзор на работаа на министерството. Таму има заменик министер и тој овластен во ваква ситуација. Укажуваме до премиерот дека во најкраток рок треба да се избере нов министер за финансии“, брифираат од Анткорупциска комисија.
Антикорупционерите на 26 јуни до Собранието доставија известување дека предлогот премиерот Зоран Заев да биде истовремено и министер за финансии е спротивен на Законот за спречување корупција и судир на интереси, бидејќи, согласно Законот, двете функции се неспоиви.
„Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите. Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга“, стои во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
А. АНТЕВСКА